Monday, October 6, 2014

„Многудетна“ во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103 | понеделник 06.10.2014

„Многудетна“ е збирка поезија. 
Или не е поезија. 
Ја прочитав во еден здив. 
Додека кажеш секс.
„Многудетна“ е извонредно потентно и шармантно четиво.
„Многудетна“ е иљач против затупување. 
Лечи рани, а старите рани ги расчешува.
Вечер (понеделник 06.10.2014), од 21-22 ч. во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103, разговор со @therealpsmst, авторот на „Многудетна“.

Monday, July 14, 2014

Иван Дургутовски во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103 | понеделник 14.07.2014

Иван Дургутовски е графички дизајнер од Ресен.
Извонредно талентиран, умен и најважно, со сјајна смисла за хумор.
За него дознав на фејсбук, а се запознавме во „Јагода". 
Иван е еден од оние кои ми ги разведруваат миговите поминати на Интернет.
Плус слуша кул музика.
Вечер ќе ми биде на гости во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103, од 21-22 ч.
Бидете со нас! 

*за оние без класичен радио приемник, ова се линковите за стриминг: http://radiostream.neotel.mk:8000/kanal103.m3u или http://radio.spodeli.org/103?play

Monday, May 26, 2014

Игор Јосифов во „60 минути со Соња Исмаил на Канал 103" | понеделник 26.05.2014

Драги слушатели,
Ве поканувам да ми се придружите и овој понеделник на уште едно интересно радио патување.
Со задоволство ви го најавувам интервјуто со Игор Јосифов во „60 минути со Соња Исмаил на Канал 103". Игор Јосифов е претставник на помладата генерација македонски уметници и еден од малкумината кои успеале да изградат уметничка кариера во странство.  Игор Јосифов е роден во 1986 година во Кавадарци, дипломирал на Академијата за уметност во Сaн Франциско (2009). Самостојно изложувал во Сан Франциско (2007, 2008, 2010), Беркли (2009), Чикаго (2010), Њујорк (2010), Париз (2011), Ширјах (2011). Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и странство (Осло, Сан Франциско, Мајами, Берлин, Њујорк, Беркли, Чикаго, Тирана, Париз и Ширјах). Дел е од проектот на Марина Абрамовиќ The Artist is Present во MoMA, Њујорк (2010). Студиски престојувал во Watermill Center, Њујорк (2008). Живее и работи на релација Сан Франциско - Париз - Скопје - Кавадарци. 
Директниот повод за интервјуто со Игор е изложбата Timing Fire која што ќе биде отворена во среда, 28 мај 2014 година, во клубот Станица 26 во Скопје. 
Слушајте не на 103 мегахерц, а за оние без класичен радио приемник, ова е линкот за стриминг: http://bit.ly/1prBvHs
Официјална страница на Игор Јосифов:


Monday, May 5, 2014

Билјана Радиноска во „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 | понеделник 05.05.2014 | 21-22 ч.

Драги слушател(к)и,
ви закажувам рандеву со мене и со режисерката Билјана Радиноска, во понеделник 05.05.2014, од 21-22 ч. на Канал 103.
Поводот за оваа радио средба е претставата „Федра" чија што режија ја потпишува токму Билјана. Претставата, инаку работена според драмскиот текст „Љубовта на Федра" на Сара Кејн, е реализирана како независен театарски проект и заедничка работа на седум луѓе кои сакаат да ја раскажат приказната за безкомпромисната љубов денес, во ерата на лаги и страв од чувства.
За оние без класичен радио приемник, ова е линкот на кој што можете да не слушате: http://radiostream.neotel.mk:8000/kanal103.m3u 

Monday, February 24, 2014

V.I.S.-VOX во „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 ::: понеделник 24.02.2014

Драги слушатели,
Ве поканувам да ја проследите новата епизода на „
60 минути со Соња Исмаил на Канал 103, во која што ќе биде гостин Марјан Бојаџиев (Mayo Vox) од Вокално-инструменталниот состав Вокс, или V.I.S.-VOX. 
Вокално Инструменталниот Состав – Вокс / V.I.S. – VOX, е составен од музичари, автори и ентузијасти, кои биле активни на македонската рок сцeна во 80–те и 90–те години на минатиот век. Основата на бендот се поранешни членови на Гино де Гаги и нивните страсти. V.I.S. – VOX настана во зимата 2011/2012 година во состав: Mayo Vox, Петар Јанков PJ, Драган Гиновски – Гино, Ѓоко Мишковски и Рубин Кантарџиоски – Кантар. V.I.S. –VOX работеа со „сезонски паузи“ и во периодот март 2012 – септември 2013 – подготвија и снимија осум композиции (на англиски и македонски јазик). Овие песни го сочинуваат албумот „Песни што секогаш сте сакале да ги слушнете, а не сте имале каде!“, односно „Songs you've always wanted to hear, but you couldn't find!”.
Бидете со нас, во понеделник 24-ти февруари, од 21 до 22 ч. на Канал 103.
Стриминг во живо на http://radiostream.neotel.mk:8000/kanal103.m3u или на http://radio.spodeli.org/103?play



Monday, January 6, 2014

Традицијата продолжува! Зоки Бејбе во првата емисија оваа година! Понеделник 06.01.2014 ::: 21-22 ч. ::: Канал 103

Драги слушатели,
Со задоволство би сакала да ве информирам дека традицијата продолжува. Како и претходните неколку години, во првото издание на „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103 во новата 2014-та година, гостин ќе ми биде мојот драг и почитуван пријател Зоки Бејбе. Очекувајте музика, блесави разговори и секако, смеење. Само за вас, во понеделник 06.01.2014, од 21-22 ч. на Канал 103. За оние без класичен радио приемник, ова се линковите на кои што ќе можете да не следите во живо. http://radiostream.neotel.mk/kanal103 и http://radio.spodeli.org/103?play

Monday, December 23, 2013

Hенад Тонкин во „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 | понеделник 23.12.2013 | 21-22 ч.

Драги слушатели,
Ќејф ми е да ви го најавам гостувањето на Hенад Тонкин во претпоследното издание на „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 за 2013 година. 
Ненад веројатно го препознавате како оној кој штрака на клавијатури и на некои други машинчиња во Bei The Fish, а оние со малку поголем стаж го паметат и од Бензона. 
Во меѓувреме, Ненад создаваше музика за неколку театарски претстави, возеше велосипед, ја сакаше Стара чаршија... 
Покрај тоа што водителката на ова радио шоу има нескриени симпатии кон ликот и делото на Тонкин, најважен повод за неговото гостување во ова издание на „60 минути..." е неговиот нов музички проект Mammoth & Jashem и материјалот „Музика за неснимен краткометражен филм“, кој ќе биде издаден за новата издавачка куќа Шарла.
Бидете со нас, во понеделник 23.12.2013 од 21-22 ч. на Канал 103.

Tuesday, November 26, 2013

Monday, November 25, 2013

Дарко Лешоски во „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 ::: понеделник 25.11.2013 од 21-22 ч.

Драги слушатели,
Со многу ќејф ви го најавувам гостувањето на Дарко Лешоски во последната епизода на „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 во понеделник 25.11.2013 од 21-22 ч.
Претпоставувам дека знаете за кого станува збор. Тоа е еден веќе не толку млад, а прилично шармантен вевчанец, кој покрај на фејсбук, живее и во Скопје. 
Пишува поезија. Така велат. Јас знам дека шкраба на салвети и фискални сметки. Екстензивен тип. Не знае да пишува кратко. Жесток. Читаш и подголтнуваш. Или, ако не можеш да проголташ го фрлаш лаптопот. Или му се јавуваш и го пцуеш.
А не е убаво да му ја пцуеш фамилијата. Баталете тоа што се фолира дека е „Дете од лоша фамилија“. Лаже. Има прекрасни родители и сестра. Ретки. Луѓе.  
Поводи за оваа наша средба има многу. Како прво, не сме се виделе 2 месеци. Второ, иако се нечкаше, објави книга и ќе ја промовира во сабота 30.11.2013 во МКЦ клуб ресторан.
Бидете со нас на 103-от мегахерц или на http://radiostream.neotel.mk:8000/kanal103.m3u или http://radio.spodeli.org/103?play.

Friday, September 27, 2013

Снимка од разговорот со Мартин Чанаќевиќ / de:sonanz edition

Снимка од разговорот со Мартин Чанаќевиќ, еден од организаторите на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност de:sonanz, кој ќе се случува на 27 и 28 септември 2013 г. во Скопје.

Monday, September 23, 2013

60 минути со Мартин Чанаќевиќ по повод фестивалот de:sonanz ::: понеделник 23.09.2013

Почитувани,
Во новата епизода на „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103, со задоволство ви го најавувам гостувањето на Мартин Чанаќевиќ, еден од организаторите на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност de:sonanz. Овогодинешното петто по ред издание на фестивалот, повторно ќе претстави врвни артисти од германската и македонската електронска музичка сцена со нивни аудио-визуелни перформанси, настапи во живо и диџеј сетови, филмска програма и една аудио работилница.
Фестивалот de:sonanz ќе се случува на 27 и 28 септември во Скопје.
Мартин Чанаќевиќ ќе ни каже повеќе за програмата, а ќе слушаме и музика од артистите кои што ќе настапат на овогодинешното издание на фестивалот.
Бидете со нас, од 21-22 ч. на Канал 103.
Можете да не слушате на 103-от мегахерц или на http://radiostream.neotel.mk:8000/kanal103.m3u или http://radio.spodeli.org/103?play

Tuesday, September 17, 2013

Снимка од 60 минути со Игор Иванов-Изи, Торстен Вогес и Томи Салковски

Снимка од разговорот со режисерот Игор Иванов-Изи, актерот Торстен Вогес и продуцентот Томи Салковски во „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103, од понеделник 16.09.2013.
http://www.mixcloud.com/sonjaismail/60-минути-со-игор-иванов-изи-торстен-вогес-и-томи-салковски-16092013/

Monday, September 16, 2013

Игор Иванов - Изи и Торстен Вогес во „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 ::: 16.09.2013 од 21-22 ч.


Почитувани,

Со радост ви го најавувам гостувањето на режисерот Игор Иванов - Изи и актерот Торстен Вогес во 
„60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103, во понеделник 16.09.2013 од 21-22 ч.

Повод за нивното гостување е филмот „Соба со пијано“, последниот македонски игран филм кој својата премиера ја имаше на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

Слушајте не на 103-от мегахерц или на http://radiostream.neotel.mk:8000/kanal103.m3u или http://radio.spodeli.org/103?play

Monday, August 26, 2013

Ана Костовска во „60 минути со Соња Исмаил“ на Канал 103 ::: понеделник 26.08.2013 ::: 21-22 ч.

Почитувани,
Со нескриено задоволство ви го најавувам гостувањето на Ана Костовска во 60 минути со Соња Исмаил на Канал 103 во понеделник 26.08.2013 од 21-22 ч.
Некои од вас Ана Костовска ја знаат како актерка, некои ја знаат од култните Бастион, некои азбуката ја научија токму со нејзина помош, преку неповторливата серија за деца Бушава азбука, во која што Ана ги пееше заразните сонгови за буквите од македонската азбука, придружувана од Влатко Стефановски и Бодан Арсовски.
Не сме договорени за што ќе зборуваме. Но ќе слушаме музика, тоа е сигурно.
Бидете со нас во понеделник 26.08.2013 од 21-22 ч. на Канал 103.

Monday, April 1, 2013

Никола Коџабашија во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103 ::: 01.04.2013 ::: 20-21 ч.

Почитувани, 
со нескриено задоволство ви го најавувам гостувањето на Никола Коџабашија во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103, во понеделник 1-ви април 2013, од 20-21 ч. Пијанист, диригент, композитор... И човек со урнебесен хумор. Идеален за првоаприлски муабет во радио.
Бидете со нас!
*Ова издание ќе се емитува еден час порано од вообичаениот термин. Слушајте не од 20-21 ч. на Канал 103. 

Monday, March 25, 2013

Жарко Пејковски Ж'ба во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103 ::: 25.03.2013

Драги слушатели,
Ве поканувам во понеделник 25.03.2013 година, од 21-22 ч. на Канал 103, да го проследите најновото издание на „60 минути со Соња Исмаил", во кое гостин ќе биде Жарко Пејковски Ж'ба од групата Аутмајнд. 
Музика и муабет на радио, идеална варијанта за понеделник.
Стриминг на http://radiostream.neotel.mk:8000/kanal103.m3u 
http://radiostream.neotel.mk/kanal103 и http://radio.spodeli.org/103?play 

Снимка од разговорот со Роботек во „60 минути со Соња Исмаил"

Снимка од разговорот со Роботек во „60 минути со Соња Исмаил" на Канал 103 од 04.03.2013 година. 
http://www.mixcloud.com/sonjaismail/60-103-04032013/